Македонија
5. February 2021 - 16:36

Нови обвинувања за мобинг во ЈСП

Уште двајца вработени во ЈСП тврдат дека се изложени на мобинг или не ги добиле своите работнички права. Велат дека подолго време трпат притисоци, биле неправедно казнувани или  деградирани, со што сега имаат помала плата. Тие правдата ја бараат по судски пат.

„После некои 12 години имав здравствени проблеми некои и завршив на клиника со дијагноза од мултиплекс склероза. После година дена напорна борба, јас, мојата фамилија, сите околу мене, успеав да се изборам и делумно да ја победам болеста. Но, нема лек за неа, таа си е во мене. И повторно се вратив на работа со промена на работно место, со намалена плата. Директорот тогашен на правна служба ми се закануваше, кој што ми претеше, викаше дека јас не сум болен, дека јас глумам и симулирам, а имам три регистри медицинска документација. И од тогаш наваму ми е намалена платата. Значи, со решение од ИПК неосновано ми е намалена платата и не знам што уште треба да направам за да си го добијам своето право.”, вели Ацо Петровски, вработен во ЈСП Скопје.

„Мене конкретно, од кога дознаа дека добив К-15, тие се мои пари, значи не се ни пари на директорот, ни на фирмата, значи тие се мои заслужени пари. И почна мобингот. Прво ме казнија три месеци по 15%, за кратко време ново решение за 6 месеци по 15%. Неправедно значи, за што има и судски одлуки за кои сега и они се жалат на Апелација. Значи четири тужби имам шпротив ЈСП. Едната е решена во моја корист, таа за 6 месеци по 15% и чекам исплата. А, другите се во постапка”, вели Божидар Тошевски, вработен во ЈСП Скопје.

Од службата за односи со јавност во ЈСП уверуваат дека во претпријатието владее вообичаена работна атмосфера без никакви тензии ниту реваншизми по кој било основ.

„До денешен ден посочените случаи од ваша страна за кои информиравте како медиум, за Тошевска и Идризи, па и еве, во најава, некои останати колеги, само еден случај од наводните мобинзи е покрената соодветна постапка. Сите останати, за нив се информираме, за жал, преку медиумите, социјалните мрежи и други канали. И навистина тој факт е зачудувачки. Ги повикуваме да покренат соодветна постапка и наводните проблеми, мобинзи и слично да се решат институционално, а не преку медиумите за ние да реагираме, за да разгледува соодветна комисија или судски орган”, вели Деспина Трајковска Димова од односи со јавност на ЈСП Скопје.

Претходно, пред камерата на Сител своите проблеми на работното место ги раскажаа Елизабета Тошевска и Меџит Идризи. Тошевска рече дека се соочува со притисоци откако ја добила првата тужба против ЈСП за исплата на К-15. Тврди и дека била деградирана од својата работна позиција, за што повторно тужела. Судот одлучил во нејзина корист, но ЈСП поднеле жалба пред Апелација. Проблемите на Меџити, пак, започнале откако поради сообраќајна незгода веќе не можел да вози автобус. Тој обвини дека откако јавно проговорил за мобингот бил и физички нападнат.

„За жал, во сите овие досега напоменати конкретни случаи ние препознаваме единствено нивен револт, револт на колегите, реакции какви и да се во однос на тоа дека не им се исполнети нивните лични, да речам желби и амбиции за конкретно работно место. И во Законот за вознемирување на работно место соодветно е опишано дека неисполнување на нечии лични желби и амбиции за конкретно работно место автоматски не значат и мобинг”, вели Деспина Трајковска Димова од односи со јавност на ЈСП Скопје.

Четворицата вработени во ЈСП, кои до сега зборуваа за притисоците со кои се соочуваат на работа, велат дека има уште случаи, но малкумина имале храброст јавно да проговорат.