ГДОМ ја потсети опозицијата дека треба да си ја заработи платата
Граѓанското Движење за Одбрана на Македонија заедно со дел од своите подржувачи ги пречека пратениците на СДСМ кои денес се вратија во Собранието.
Опозициските пратеници конечно треба да си ги заработат парите кои 15 месеци ги земаат од државата за неработење, истакна универзитетската професорка Виолета Ачковска.
-Сметаме дека враќањето на опозицијата во парламентот е голем чин. Сметаме дека конечно пратениците на опозицијата ќе си ги заслужат оние плати кои ги примаа досега без да одработат во парламентот. Сметаме дека во иднина сите проблеми ќе се решаваат во институциите на системот., рече Ачковска.
Политичкиот аналитичар Александар Пандов кој исто така е еден од предводнииците на ГДОМ истакна дека однесувањето на СДСМ е преседан кој не смее да се повтори.
-Преку 50 милиони денари имаат “лапнато“ од македонските даночни обврзници...За тоа немаат направено ништо, еден час немаат одработено. Тоа не памтам дека во Македонија досега се случило“, истакна Пандов.
Пред Собранието интелеткуалците од ГДОМ беа придружувани од десетици подржувачи кои преку транспаренти го искажаа незадоволството од однесувањето на опозициските пратеници.
