Македонија
18. March 2025 - 17:09

Повредените сместени во странски центри се под постојан медицински надзор

Повеќе од 70 повредени од пожарот во Кочани се хоспитализирани во медицински центри во странство. Од соседството до подалечни земји – речиси сите ги отворија вратите и ги згрижија пациентите чија состојба е критична поради степенот на изгореници. Петмината хоспитализирани во Солун се во стабилна состојба, информираше министерот Арбен Таравари, кој со неговиот колега Тимчо Муцунски ги посетија двете болници а оттаму заминаа во Бугарија каде исто така има поголем број тешко повредени. Бугарскиот претседател понуди и дополнително прифаќање на пациенти доколку има потреба.

-Да им се заблагодарам на бугарските медицински тимови и припадниците на армијата за нивната брза реакција и професионалност при транспортот на повредените и за обезбедената специјализирана медицинска помош.

„Бугарија е подготвена и ќе продолжи да помага со сè што е потребно,  изјави Румен Радев, претседател на Бугарија.

Пациентите во Пирогов во Софија се на механичка вентилација, а во таква критична состојба има и во Белград и Загреб, каде се под постојан 24 часовен медицински надзор.  

-Сите пациенти се со тешки повреди опасни по живот. Од нив 8 колу се примени, тројца се на респиратор, односно имаат потреба од механичка вентилација. Телесната површина зафатена од изгореници се движи до 25 проценти. Сите имаат и изгореници на респираторниот тракт и затоа се и животозагрозувачки, вели Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за изгореници, пластична и реконструктивна хирургија во Универзитетскиот Клинички центар на Србија.

-Помладиот пациент за среќа има полесни изгореници, додека кај другиот примарно е лекувањето на изгорениците на дишните патишта, тоа се изгореници кај кои се очекуваат компликации, вели др Драган Џурџевич, Клиника за трауматологија во Загреб.

Во Турција хоспитализирани пациенти има во Истанбул и Анкара и кај дел од нив состојбата е подобрена.

-Имаме нови информации од Анкара, дека од петте хоспитализирани таму сите се екстубирани односно дишат самостојно и немаат потреба од механичка вентилација. Екстубирани се и двајца во Словенија, вели проф. д-р Игор Николов, член на кризен штаб во здравство.

Најверојатно, повредени пациенти ќе бидат транспортирани и во болници во Италија, Холандија и Белгија.

-Во моментот ситуацијата е таква да и капацитетите во соседството се исполнети и ангажираме и подалечни дестинации, вели Сашо Клековски, директор на Фонд за здравствено осигурување.

Уште вчера надлежните кажаа дека СОЗР ќе им го плати патувањето, сместувањето но и преведувачи на семејства на пворедените кои ќе заминат кај своите блиски хопситализирани во странство.