Македонија
12. March 2016 - 16:10

Груевски со решенија за проблемите на жителите на кичевско

Изградба на нов автопат  Гостивар Кичево, канализација и нов пат за жителите на село Другово како и решение на проблемот со водоводот во Вранешница се некои од проектите за кои лидерот на ВМРО - ДПМНЕ Груевски разговараше со жителите на Кичево.

Груевски ги информираше заинтересираните граѓани за можноста за вработување во новата фабрика на КСС.

Потенцираше дека инвеститорот ќе отвори 1000 работни места, а бројката ќе биде уште поголема, доколку се реализира и втората фаза во изградбата.

Жителите на Другово побараа фекална канализација и  санација на пат во селото кој им прави проблеми. Надлежните ги информираа дека веќе има обезбедено средства во Буџетот за таа намена. Потребно е само општината да аплицира.

Во центарот на Кичево каде што огромен број на граѓани го пречекаа претседателот на ВМРО ДПМНЕ , просветните работници му го посочија проблемот со недостиг  на дефектолози во училиштата. Груевски потенцираше дека за овој проблем веќе е разговарано во надлежните институции.

Граѓаните се интересираа и за изградба на автопатот Гостивар Кичево. Груевски посочи дека покрај изградбата на автопатот Кичево Охрид за кој што се инвестираат 375 милиони евра, се работи на реализација на проект и за овој патен правец.

Според Груевски директната комуникација со граѓаните е одлична можност да се согледаат нивните проблеми, а нивното решавање ќе биде дел од програмата за претстојните парламентарни избори.