Најголем дел од Скопје ќе остане без вода: Затворањето на главниот цевковод почнува во петок
Во петок во 22 часот ќе се затворат вентилите на главниот цевковод во Скопје. Затворањето ќе потрае, а вода ќе снема по неколку часа, ноќта помеѓу петок и сабота. Во раните утрински часови вода ќе нема најголемиот дел од Скопје. Водоснабдувањето нема да прекине само во Чаир, Бутел, Радишани, Визбегово, Бардовци, Железара и Автокоманда висока зона. Граѓаните од сите останати населби ќе мора да се снаоѓаат и на време да си обезбедат вода. Очекувањата се дека во сабота ќе завршат теренските активности и вода до домовите да дојде дури вечерта сабота спрема недела. Овие информации ги добивме јавувајќи се на еден од дежурните телефонски броеви на Водовод и канализација, откако побаравме и не добивме официјални писмени одговори од претпријатието, туку само ни оставија телефонски број.
Градоначалничката Арсовска вели санацијата на главниот цевковод нема да трае долго и ќе нема потреба од дотур на вода.
Од ЈП “Водовод и канализација” информираа дека е неопходно да се исклучи главната водоводна цевка поради санација на 4 дефекти меѓу кои и оној на улицата Никола Парапунов во Карпош 4 од каде веќе две недели тече вода по улицата. Главниот затворач се наоѓа во кругот на касарната Ѓорче Петров.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар