Македонија
3. November 2024 - 16:26

Во Македонија нема доволно пречистителни станици за отпадни води

Во Македонија има 17 оперативни пречистителни станици за отпадни води, но само мал дел од нив ги задоволуваат еколошките ЕУ стандарди. Скоро сите имаат потешкотии во работењето, поради големата потрошувачка на струја и трошоците за одржување. Скопје е една од ретките метрополи каде нема пречистителна станица, како и градовите Битола и Штип, што значи дека во моментот најголем процент од отпадните води непречистени завршуваат во речните корита.

- Треба да се работи на подобрување на енергетската ефикасност, на поставување на фотоволтаични централи за добивање на електрична енергија или субвенционирање на електричната енергија внатре во пречистителните станици. Се надеваме дека во блиска иднина, со изградбата на пречистителната станица за градот Скопје, Битола и некои други поголеми градови, окоу 80% од отпадните води во нашата држава ќе бидат соодветно третирани, изјави Линдита Шакири, МЖСПП- раководител на ЕУ проекти.

За да се зајакне професионалната мрежа на операторите, но и да се креира кадар кој во иднина ќе управува и работи на новите пречистителни станици, АДКОМ организира обуки за практична размена на искуства. Пречистителната станица во с. Мојанци, со капацитет за еквивалент 65 000 жители, за општините Кочани и Виница, е пример за енергетска ефикасност.

- Инсталираната фотоволтаична централа на станицата, заедно со комората на гас, покрива 70 % од вкупната потрошувачка на електрична енергија. Инсталирани се и нови фотоволтаици од кои се очекува до крајот на 2024-та година да бидат пуштени во употреба со што станицита ќе биде целосно енергетски независна, односно, повеќе од 90%, изјави  Радостина Стоилкова, раководител на ПСОВ, ЈКП „Водовод“- Кочани.

Со примена на технологии за третман на мил, кој се меша со оризова слама од кое се произведува органско ѓубриво, се генерира „нула отпад“.

- Сите заинтересирани земјоделци да не ја палат сламата од оризовите полиња, да не контактираат и да ја донесат на станицата, како резултат на што ќе добијат квалитетно органско ѓубре. За 40 бали оризова слама добиваат една палета земјоделско органско ѓубре или 20 вреќи по 25 литри, додаде Стоилкова

Органското ѓубре е биостимулатор кое го подобрува квалитетот на почвата, а може да се користи за житни култури, цвеќиња, зелени површини и овоштарници.