Македонија
29. October 2024 - 16:40

Трае суспензијата на лекарите

Дисциплинската Комисија на Детска има законски рок од 60 дена да одлучи за казната на двајцата доктори кои беа отстранети од работните места поради смртта на 14 месечното бебе. До конечната одлука тие не смеат да работат.

По смртта на бебето од Гошинце и констатираните пропусти на стручниот надзор, на клиниката ги решаваат системските слабости.

Во секој извештај за прегледано дете, во делот на анамнеза го пишува лекарот или лекарите кои го направиле прегледот, кој специјалист е консултиран и на крај потписот и печатот на докторот кој стои позади се што е напишано и преземено. Ваков протокол треба да имаат и останатите здравствени установи, но од тие што ги прашавме – нема таква практика.

 Во Лекарската Комора се уште го разгледуваат барањето на министерот за здравство за какви чекори да бидат преземени.

-Насоките кои се добиени од Министерот за здравство се во фаза на разгледување и консултација во телата на Комората за понатамошно постапување. Случајот го сметаме за исклучително сериозен и важен, така што и пристапот на Комората длабински и стручен, ни одговорија од ЛКМ.

Обвинителството пак, го чека обдукцискиот извештај.

-Обвинителството беше во комуникација со Институтот за судска медицина и очекува наодот да биде доставен заедно со извештаите од надлежните комисии, ни одговорија од ЈОРМ.

Стручниот надзор на Детска констатираше превид за потребата од хоспитализација на беебто на 3 октомври, додека, пак, на клиниката за белодробни заболувања кај деца, несоодветна проценка за тежината на состојбата.

14 месечното бебе почина на 5 ти октомври на Детска каде беше транспортирано од Козле во многу лоша состојба, со засегање на виталните функции и ниска сатурација.