Претседателот на ЗЕЛС ги кани на состанок Костадинов и Јакимовски
Претседателот на ЗЕЛС ги кани Јакимовски и Костадинов во понеделник да седнат на иста маса и да ги соочат ставовите, по најавите на струмичкиот градоначалник дека општината со која управува ќе го напушти ЗЕЛС и по предупредувањата на Општина Карпош дека ќе го стори истото.
По вчерашните препукувања преку прес-конференции, Јакимовски имал неформална средба со првиот човек на ЗЕЛС. Денеска, градоначалникот на Карпош за Сител вели дека е песимист дека неговиот став за напуштање на организацијата ќе се промени и по состанокот во понеделник.
Градоначалникот Костадинов кој како причини за одвојувањето на Струмица од ЗЕЛС ги наведе предизвиците со водата и одбивањето на неговиот проект за финансирање на градски пазар со буџетски пари, се изјасни дека нема да присуствува на состанокот во понеделник.
„За градоначалникот Костадинов во моментот не е важно кој што кажал и како кажал, многу поважни се следните приоритети коишто се пред се во интерес на граѓаните на општина Струмица:
1.Седнување на маса на експерти од МЗШВ и АД „Водостопанство“ и да си го решат проблемот.
2.Институтот за јавно здравје јавно да ги објави резултатите од водата
3.Решавање и расчистување на ситуацијата со унгарскиот кредит земен на грбот на граѓаните
А како краен приоритет од Кабинетот на Костадинов најавуваат разгледување на можноста за повторно седнување на маса во ЗЕЛС .
Министерот за локална самоуправа смета дека со напуштање на локалните самоуправи на ЗЕЛС најмногу губат граѓаните, а на градоначаниците им порача да си ја преиспитаат одлуката.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар