Македонија
25. October 2024 - 12:22

АХВ во превенција и заштита од болеста чума кај малите преживари

Агенцијата за храна и ветеринарство подготви акционен план за превенција и заштита од болеста чума кај малите преживари, односно, овците и козите. Болеста веќе ја има во Романија и соседна Грција, поради што се формирани три локални центри во Штип, Прилеп и Скопје, каде е и главниот, националниот центар, а се преземаат и конректни теренски активности со македонските сточари.

Поделени се флаери и постери на кои се опишани основните симптоми. Ќе се направи определена високо ризична зона, тоа е реонот на територијата на Македонија која граничи со Грција. Тука ќе се направат клинички прегледи со сите сточари што се стационирани во непоседна близина на границата. Ќе бидат посетени од официјални ветеринари во наредниот период, изјави Симо Костов, раководител на Државната инспекција за заштита од болести - АХВ.

Болеста не е зооноза, односно, не се пренесува од животните на човекот, но брзо се шири помеѓу преживарите и има висока смртност. Според официјалните податоци во државата има околу 500 000 грла ситен добиток, а една овца има пазарна вредност од 150 евра. При појава на болеста ќе се причини голема материјална штета на сточарите, а ќе се десеткува и онака скромниот сточен фонд.