Стручната комисија утврди лекарски пропусти за смртта на 14 месечното бебе
Лекари од Детската клиника не ја процениле тежината на состојбата за да го хоспитализираат 14 месечното бебе од Гошинце вториот пат кога било донесено во установата на 3 октомври, а утредента во “Козле” немале респиратор за да му укажат помош на девојчето додека да биде префрлено повторно на Детска каде починало кратко по приемот пред 10 дена. Дополнително, било изгубено време и за организирање на медицинскиот транспорт од Козле на Клинички. Ова го констатираше Комисијата за стручен надзор формирана од министерството за здравство. Тие потенцираат дека за случајот освен стручни и технички постојат и системски пропусти, односно непостоење на прротоколи и алгоритми за тријажа на пациенти при прием.
- Од аспект на стручни забелешки, Комисијата за стручен надзор нотираше превид во проценката за потребата од хоспитализација при вториот преглед на бебето на Клиниката извршен на 03.10, додека во Козле е констатирана неадекватна и ненавремена проценка за тежината на респираторните потешкотии и третманот, рече Арбен Таравари, министер за здравство.
Таравараи најави дека извештаите од стручниот надзор ќе ги достави до директорите на Детската клиника и Козле како и до етичката комисија при Лекарската комора за утврдување на евентуална одговорност.
- Извештајот од комисијата ќе биде испратен до двете клиники и до Етичката комисија во Лекарската комора и оти се надевам дека ќе биде разгледан сериозно и ќе се преземат мерки, рече Таравари.
За случајот со 31-годишната родилка која почина при породување во кумановската болница минатиот месец, другата стручна комсија не утврдила неправилности при третманот на бременоста, ниту при породувањето.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар