Кривичен го обвинува МВР за бегството на Рамадани
Кривичниот суд бара одговорноста за бегството на воениот злосторник Блерим Рамадани да се бара во МВР. Откако експертската јавноста бурно реагираше на одлуката на судијата Пајазит Пајазити за куќниот притвор на Рамадани, Кривичен ја правда одлуката, велат не биле исполнети условите за екстрадиција.
Преку соопштение обвинуваат дека не тие, туку полицијата е одговорна за притворскиот надзор и треба да се бара индивидуална или системска грешка во бегството на Рамадани.
- Судскиот систем во нашата земја не е директно засегнат за исходот од оваа постапка со оглед на тоа што на ова лице не му се суди во земјава и нема оштетени македонски државјани.... на 01.08.2024 година, по предлог на одбраната на лицето, донесено е решение со кое лицето и понатаму останува обезбедено за органите на прогон преку куќниот притвор... во сите одлуки на Кривичниот совет при надлежните судови е утврдено дека не се исполнети Законските претпоставки за екстрадиција, а овие одлуки се потврдени од Врховниот суд на РСМ, согласно Законските одредби, може да биде обезбедено со поблаги мерки како куќен притвор, мерки за обезбедување присуство или гаранција. – што е наведено во решението, додека надзорот над куќниот притвор, согласно решението се доверува на МВР односно надлежната полициска станица. Па заради тоа одговорноста ( системска или индивидуална ) за бегството треба да се бара кај органот кој го врши надзорот, велат од судот.
По обвинувањата реагираше Министерот Тошковски.
- Во овој случај, во решението за куќен притвор на предметното лице, судот определил дека надзорот над куќниот притвор се доверува на МВР, СВР Скопје, ПС ОН Чаир, притоа не определувајќи го начинот на извршување, иако тоа е законска обврска согласно горенаведената одредба од членот 163. Согласно досегашната воспоставена пракса, добропозната за Судот, при извршување на мерка “куќен притвор“, полицијата не го обезбедува 24 часа домот каде се извршува мерката, туку повремено, во определени временски интервали, ненајавено го проверува присуството на лицето во неговиот дом. И покрај тоа што судот не го определил начинот на вршење надзор, од страна на СВР Скопје во повеќе наврати биле вршени проверки, при што последната проверка е извршена на 13.08.2024 година, кога лицето било на предметната адреса, за што од страна на полициските службеници е изготвен и соодветен службен материјал, напиша Тошковски.
И додека институциите си ја префрлаат топката околу случајот со воениот злосторник Рамадани, Владејачката ВМРО ДПМНЕ бара итно разрешување на судијата Пајазити, кој го одобри куќниот притвор. Велат не само што овозможи да избега Рамадани, туку и условно го осуди Иџет Мемети кој призна поткуп.
Пајазити свесно остави простор Блерим Рамадани да избега. Наместо ефективен затворски притвор, тој му допушти куќен притвор, иако знае за каков профил на човек станува збор и дека може лесно да се впушти во бегство. Пајазити свесно допуштил да избега Рамадани и за тоа треба да сноси одговорност. Доколку Пајазити не биде разрешен, довербата на народот во судството уште повеќе ќе паѓа, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
На иста линија и министерот Таравари, секој кој не постапувал согласно законите, мора да сноси и одговорност.
Во моментов активна е меѓународната потерница распишана од Република Србија, а во Македонија Рамадани се бара по централна потерница.
Тој пак веќе неколку дена е во својот дом на Косово, откако на последниот ден од куќниот притвор побегна од адресата во Чаир. Неговото семејство побара тој да не биде вратен во Македонија, а адвокатот тврди дека постапка ќе се води преку косовските судови.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар