Македонија
23. July 2024 - 16:32

Владата ќе бара дел од парите за изградба на пругата кон Бугарија да се пренаменат за брза пруга на Коридорот 10

Владата ќе бара од ЕБОР и ЕИБ дел од средствата за изградба на пругата кон Бугарија, да се пренаменат за изградба на брза пруга на Коридорот 10 кон Грција и рехабилитација на постојната пруга на овој коридор, проект кој чини 250 милиони евра. Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски изјави дека проектот за железничко поврзување со источниот сосед има неколку маани меѓу спора динамика на изградба на втората фаза, во третата треба да се срушат 20 куќи во Крива Паланка, по неа поради планинскиот предел ќе се вози многу споро со 60 км на час и завршува во тунел кој не води никаде. Тој рече дека треба да се седне со Бугарија и сериозно да се разговара дали и кога тие ќе изградат пруга до границата од нивна страна бидејќи досега немале одговор, а за 24 километри предвидено е да се направат 22 тунели со проценета вкупна вредност од 560 милиони евра. 

- Кредити коишто иднините генерации треба да ги враќаат со камата, што значи ова ќе е најскапата пруга во Европа. Еден километар ќе чини некаде околу 24 милиони евра. Само за споредба, брза пруга која што оди со 200 километри на час чини помеѓу 10 и 12 милиони евра километар. Обична пруга е многу поевтина. И сега се поставува логичното прашање – дали вреди да се потрошат 560 милиони евра народни пари во сиромашна Македонија каде што ние за 14 милиони евра сме благодарни за донација за пруга која што треба да уништи дел од градот Крива Паланка, да вози со 60 километри на час, да има теоретски 22 тунели и да завршува во тунел којшто не води никаде, односно во превод таа пруга никогаш нема да се заврши само што ќе ги фрлиме парите и ќе имаме ситуација каде што за 10 години уште ќе зборуваме дека пругата не е завршена, рече Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт и врски.

Во меѓувреме надлежните најавија дека ќе се забрза поврзувањето со Бугарија со експресниот пат Страцин – Крива Паланка кој треба да биде завршен до Нова година со што од Скопје до Софија ќе се стигнува за 2,5 часа. Министерот Николоски посочи дека на овој проект претходната Влада не посветила доволно внимание, имало проблеми и се работело со слаба динамика. Дел од парите се заем од Светска банка кои треба да се врата, а 14 милиони евра се грант.

- Овој пат е  во должина од 25 километри, поделен на два лота: Страцин – Длобочица, во должина од 15 километри и Длобочица - Крива Паланка, во должина од 10 километри.  Вредноста на целата инвестиција е 93,7 милиони евра, со тоа што на првиот лот е 43 милиони евра, а на вториот е околу 50 милиони евра. На терен сме постојано и како ЈПДП и како Министерство за транспорт и врски, а голема е помошта од локалната самоуправа, од градоначалникот на Ранковце и месното население, изјави Коце Трајановски, директор на ЈПДП.

За експресниот пат реагираа од СДСМ 

- Смешна е промоцијата на Александар Николоски на патот Крива Паланка - Ранковце за кој најавува дека ќе бил готов до Нова година. Овој пат е одамна 90% готов и единствена причина зошто не е завршен е блокадата на ВМРО-ДПМНЕ.  Николоски и другарите решија за свои политички потреби до пред неколку месеци да го блокираат грантот во Собрание со кој требаше да се заврши делницата. Целта е јасна, да не се заврши делница, а граѓаните да треба да чекаат за ВМРО-ДПМНЕ да може да тера кампања, стои во соопштението од СДСМ.