Македонија
19. July 2024 - 16:34

Акцелераторот во ГОБ 8-ми Септември најверојатно ќе проработи напролет во 2025

Скапо ќе ја чини државата ставањето во функција на трите акцелератори купени пред повеќе од една деценија и кои досега фаќаа само прашина.

Најмалку 2 милиони евра се потребни за апаратите во битолската и штипската болница и ГОБ 8-ми септември да почнат со зрачна терапија за малигно болните. Но, нема да проработат сите во исто време.

Според информациите од Министерството за здравство, најкритичен е акцелераторот во Штип кој се уште е во кутии и повеќе од 10 години е во магацин во Скопје. За него нема изградено ниту бункер каде треба да биде инсталиран. За да проработи неопходно ќе биде вградување на одредени делови што мора да се изврши во земјата каде е произведен.

За битолскиот кој е купен уште во 2012 година, се уште се чека набавка на компјутерска томографија за симулација која е неоходна, а потребна е и повторна проверка од овластен сервисер. Тоа било дискутирано и на вчерашната средба во Министерството за здравство. 

Последно купен, а прв треба да проработи е апаратот во Градската општа болница 8-ми септември. 

- Апаратот за зрачна терапија во ГОБ 8-ми септември, според најоптимистичките прогнози треба да  почне да работи во април или мај наредната година. Сето тоа ќе зависи од анализите што ќе ги прават физичари. 

Една Влада ги купи трите акцелератори за нешто повеќе од 8 милиони евра. Наредните две ги чуваа. Дури четвртата Влада ќе се обиде да ги стави во функција на пациентите. 

Во времето кога беа купени надлежните најавуваа регионализација на добивањето на зрачна терапија и пациенти од истокот и југозападниот дел од земјата да не патуваат до Скопје. Но никој не предвиде колку долго ќе седат во кутии и што ќе значи нивното амортизирање во услови кога воопшто не проработеле.