Македонија
10. July 2024 - 16:39

За три месеца возила на ЈСП имале 49 сообраќајни незгоди

Солзите на возачот кој удри во жардиниера и рече дека расипаните автобуси никој не ги поправа го отвори прашањето колку е безбеден јавниот превоз во Скопје.

Само денеска, при редовна контрола, полицијата открила два автобуси кои возеле, а не биле исправни.

На вонреден технички преглед упатени се два автобуси кои вршат јавен превоз на патници од кои еден сопственост на ЈСП – Скопје и еден сопственост на приватните превозници кај кои при извршената контрола констатирана е техничка неисправност, при што истите се исклучени од сообраќај“ велат од МВР за Сител.

Од ЈСП велат „секое возило на ЈСП Скопје вклучено во јавниот превоз по враќање од линија, односно по повлекување во гаража е подложно на т.н. дневна нега, која, меѓудругото подразбира и мини технички преглед, што значи, практично, исправноста на возилата се прегледува секојдневно. Од утринава има акција на МВР, односно се испраќаат возила на вонреден технички преглед. Резултати од исходот од акцијата ќе знаеме подоцна“.

За три месеца возилата на ЈСП имале дури 49 сообраќајки. Според извештајот на јавното претпријатие, за период од јануари до крајот на март годинава, 9 од незгодите се случиле по вина на возачите, а во 19 виновен бил друг учесник во сообраќајот. Интересно е тоа што во најголем дел од случаите, стои дека не е утврдена вина. Во незгодите вкупно повредени биле 10 лица.

Се случиле и 149 инциденти. Најмногу се оштетувале автобусите, а имало и физички пресметки и напади врз возачи.

Според извештајот, од јануари до март, извршени се два генерални ремонти и еден полуремонт.

И додека граѓаните се возат во автобуси стари повеќе од една деценија, а во ЈСП се трупаат проблеми, партиите меѓусебно се обвинуваат.

Небезбедни автобуси, ЈСП е во колапс, скопјани се гушат од запалени депониии кои ВМРО-ДПМНЕ ветуваше дека ќе ги исчисти, јавните претпријатија не функционираат. Сето ова потврдува во каква ужасна состојба е градот Скопје, во каква лоша состојба е ЈСП но и останатите јавни претпријатија. Само ВМРО-ДПМНЕ тоа не го засега, ниту малку“, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ им вратија.

Данела Арсовска е коалиција на СДС. Тие водеа еден фронт против ВМРО-ДПМНЕ кој беше катастрофално поразен на изминативе избори.Има уште една работа која ќе ги спојува СДС и Данела Арсовска во иднина. И СДС и партијата на Данела Арсовска за која никој не знае како се вика ќе немаат пратеници во Собранието, затоа што ги уништија и Скопје и Македонија“.