Македонија
28. July 2021 - 17:58

Донесен ребалансот на Буџетот, финансии за поддршка на стопанството и граѓаните

Собранието попладнево со 56 гласови „за“ и 37 „против“, го донесе ребаланост на Буџетот за 2021 година. За ребалансот се гласаше на петтиот ден од расправата во законодавниот дом.

Заменик министерот за финасии Димитар Ковачевски, кој се обрати пред гласањето за ребаланост, истакна дека клучни приоритети остануваат здравјето на граѓаните, здрава економија и здрави финансии. 

-Ребалансот за 2021 е одраз на економските состојби грижа во поглед на користење на јавните средства и нивно насочување кон реализација на поставените цели, како и поставеност во справувањето со пандемијата. Приоритетите ќе бидат насочени кон управување со последиците од пандемијата преку зголемување на обемот на инвестиции со директна поддршка на активностите на компаниите, отворање на нови работни места преку активни мерки за вработување, како и поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија. Ова подразбира дека поддршката ќе се реализира преку креирање развојни фондови и слични инструменти за поддршка на извозни компании мали и средни претпријатија, како и социјалнни претпријатија, рече Ковачевски.

Заменик министерот додаде и дека фискалниот стимул за стопанството и граѓаните продолжува до целосно заздравување и враќање на економијата на патот на економскиот раст.  

Тој се заблагодари на, како што рече, конструктивната расправа која довела да се направат и соодветни измени.

–Со направените измени обезбедивме дополнителни средства наменети за здравство, за  инсулин, за набавка на вакцини преку Ковакс механизмот, набавка на возила за транспорт и фрижидери за чување на вакцини и средства за управување на вакциналните пунктови, како и набавка на опрема за испитување на квалитетот на мазутот што е во насока на обезбедување на чиста животна средина, рече Ковачевски.

Додаде дека согласно усвоените амандмани обезбедени се дополнителни средства за опремување на Комисијата за спречување и заштита на дискриминација, за зголемување на средствата кои се наменети за поддршка на туризмот преку користење на ваучери за туризам, за санирање на проблемот со Студенчишко блато, поставување заштитна ограда на река Отиње…

Ставовите на власта и опозицијата во однос на ребалансот на Буџетот и во текот на денешната расправа останаа непроменети. За власта, ребалансот е развоен, со повеќе пари за стабилизирање на економијата, а за опозицијата е расипнички, со повеќе пари за предизборен поткуп и партиски вработувања. Во текот на расправата имаше меѓусебни препукувања кога граѓаните живееле подобро, дали во време на владеење на оваа или на минатата власт, кога имало повисоки плати, колку имало капитални инвестиции, колку автопати биле изградени… Пратениците од мнозинството велат дека со ребалансот се озбезбедуваат средства за инвестиции, за Армијата, за човечкиот капитал, за здравството, за развој на економијата, за земјоделството, додека пак опозицијата смета дека тој го отсликува неодговорното работење на оваа власт. Тие се загрижени и за порастот на задолжувањето и сметаат дека до крајот на годината тоа ќе биде уште поголемо.

Со ребалансот вкупните приходи се планирани на ниво од 222,6 милијарди денари и се за околу 10 милијарди денари или 4,7 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции. Даночните приходи се планирани на ниво од 123,9 милијарди денари односно за околу 6 милијарди повеќе во однос на иницијалниот буџет. Социјалните приходи се во износ од 69 милјарди денари и се за околу една милијарда денари повисоки во однос на планот за 2021 година. Останатите приходи (неданочни, капитални и странски донации) се планирани на ниво од 29,5 милијарди денари.

Вкупните расходи, пак, се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или се повисоки за околу 21 милијарди денари, а капиталните расходи на ниво од 30,5 милијарди денари или за 6,5 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2021 година. На расходната страна на Буџетот се врши ограничување и сведување на минимум на несуштинските трошења кај буџетските корисници без да се наруши нивното редовно подмирување на обврски. Дефицитот е проектиран во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 проценти од БДП. Зголемувањето на дефицитот од 4,9 на 6,5 проценти, според надлежните, е резултат на потребата за зголемено финансирање за сетот на економските мерки за справување со последиците од здравствено-економската  кризата, а кои ќе се финансираат преку категоријата субвенции и трансфери и преку капитални расходи.  Стапката на инфлација е предвидено да изнесува 2,1 процент.

Четириесет и седмата седница на Собранието, на чиј дневен ред беше ребаланост на Буџетот ќе продолжи утре со дебата за Предлог резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции  во контекст на блокадите на европските интеграци, која е втора точка на дневниот ред.

Откако ја прекина седницата за ребаланост на Буџетот, претседателот на Собранието Талат Џафери ја продолжи 46-та седница, на чиј дневен ред, меѓу другите беше и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година, по скратена постапка, кој беше усвоен од пратениците. Во меѓувреме Собранието го утврди и дневниот ред на 49. седница, а меѓу точките на дневен ред е и Предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка.