Македонија
5. July 2021 - 16:52

Поднесена интерпелација за Џафери

Левица и ВМРО-ДПМНЕ ќе ја тестираат довербата на пратениците во Талат Џафери. Опозициските партии денеска во собраниската архива поднесоа иницијатива за интерпелација на Претседателот на законодавниот дом. Покрај обраќањето на албански јазик во Европскиот парламент, опозицијата му замерува и за двојазичните документи кои им се доставуваат на сите пратеници но и начинот на кој ги води седниците во Собранието.

До овој момент од кабинетот на Џафери нема реакција но согласно Деловникот, тој има рок од 15 дена за да даде одговор на интерпелацијата. По истекот на овој рок, тој е должен иницијативата да ја стави на првата наредна седница. Но тоа и не значи многу имајќи предвид дека интерпелации поднесени уште пред половина година се уште не може да дојдат на гласање во Собранието бидејќи се ставаат последни на дневен ред и никогаш не стигнуваат за расправа. Но доколку се случи тоа и доколку опозицијата обезбеди поддршка од 61 пратеник, Џафери ќе мора да си замине од функцијата.