Заев умерен оптимист за преговори во декември
Декември е новиот датум за старт на преговорите. Премиерот Заев очекува до крајот на годината да се најде решение на спорот со Бугарија. Потврди дека во Софија однел документ кој меѓу другото ги содржи и оние пет точки кои ги објави бугарското МНР. И тој како и Османи рече дека понудата важи само ако официјална Софија даде зелено светло за старт на преговорите.
Заев вели дека денеска е јасно дека македонскиот јазик и идентитет не се дел од преговорите. Рече дека последното вето и новиот неуспех за придвижување на интеграцискиот процес не може да бидат причина за нови предвремени избори.
Шефот на дипломатијата Османи денеска од Полска порача дека одложувањето на интеграциите создава фрустрации но и покрај предизвиците, Македонија останува посветена на евроагендата. Разочарување денеска уште еднаш изрази и американската амбасадорка која повторно ја испрати пораката дека земјава е подготвена за старт на преговорите.
Софија минатата недела по втор пат стави вето на пристапниот процес на Македонија а македонскиот државен врв смета дека прва можност за реално продолжување на преговорите ќе има по формирањето на новата бугарска влада кон крајот на летото.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
