Заев: Да за Европа и не за уцени врз македонскиот народ
Бугарскиот став е целосно ирационален и навредлив за македонскиот народ. Ден по бугарското вето во видео обраќање премиерот Заев вели дека Бугарија направила неодоговрна грешка со која го прекршила договорот за добрососедство која создава чувство на горчина кај македонскиот народ. Затоа, премиерот вели дека Владата застанала цврсто во одбрана на македонските национални интереси. Премиерот вели дека Македонија не е подготвена на преговори со Европската унија под условите кои ги постави Бугарија.
„Не дозволивме да се чепка во достоинството на македонскиот идентитет и во столбовите на идентитетот, а тоа се македонскиот народ и македонскиот јазик.
Нема да дозволиме ниту антифашистичкиот идентитет на нашата земја да биде загрозен и да биде доведен во прашање! Темелите на нашата државност се во антифашизмот на АСНОМ, како што темелите на нашиот идентитет се во македонскиот народ и македонскиот јазик. Тоа се нашите столбови од минатото. Тоа се нашите столбови за иднината.
Ние сме свои на своето. Чисти пред себе и пред светот. Знаеме кои сме и точно знаеме каде одиме. И точно знаеме за што смее, а за што не смее ниту да се преговара ниту да се разговара.“
Заев вели дека европскиот пораз на Македонија опозицијата го воспевала како своја победа.
„Еве денеска паднаа во вода сите лаги и клевети. Им се срушија лагите дека наводно се распродавал македонскиот идентитет. Тие што македонскиот народ го нарекоа хистеричен, сега тонат во сопствената хистерија.
Тоа е сонот и желбата на лидерството на ДПМНЕ. A реалноста е дека македонскиот народ го надминува овој момент со крената глава наспроти срамните лаги коишто се опасност за стратешките интереси на земјата. Дури и Европа ги препозна и ги прозва нивните лаги.
A, македонскиот народ е далеку повисоко од хистеријата и од срамните лаги на Христијан Мицкоски. Еве сме. Тука сме. Македонци кои зборуваат македонски јазик. Свои на своето. Отсекогаш, засекогаш. Станавме земја-членка на НАТО како Македонци кои зборуваат македонски јазик. Ќе станеме членка и на ЕУ како Македонци кои зборуваат македонски јазик.“
Премиерот вели дека Македонија тука не се откажува.
„Ние остануваме посветени на барањето решение со соседна Бугарија. Тоа ќе биде решение кое гарантира почеток на преговори со ЕУ, а никако не задира во македонскиот идентитет.
Ние продолжуваме. Евроинтеграциите не се трка на кратки патеки, туку маратон со крајна цел – европеизирање на нашата земја. Мандатот добиен од граѓаните ја вклучува и таа цел и додека не ја постигнеме – нема да запреме.
Нема да дозволиме ветото на Бугарија да предизвика застој на внатрешните реформи. Напротив, ќе го засилиме темпото и ќе ја зголемиме предноста што ја имаме во регионот.“
На истекот на стоте дена од изборот на неговата Влада, Премиерот за идната година најавува борба со ковид пандемијата, спроведување на пописот и прочистување на судството.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
