Загина работник во РЕК Битола
60-годишниот вработен во РЕК Битола, Вецко Костадиновски рано утрово го загуби животот откако се превртела градежната машина во рудникот Суводол со која управувал. Според првичните информации се работи за несреќен случај, а притоа се запазени сите протоколи и прописи за заштита од работа, истакнаа од раководството.
-Нашиот работник со работен налог за формирање траса за поместување на дел од нултиот систем, дел од работните задачи ги имаше извршено, но при транспорт на булдужерот се изврши превртувањето, при што булдужерот влета во провалија и беше превртен, изјави ЗЛАТКО ЌУРЧИЕВСКИ, ДИРЕКТОР НА РЕК БИТОЛА.
Од ЕСМ и РЕК Битола најавија формирање комисија.
-Која ќе го истражи настанот и покрај тоа што овде беа истражните органи, истражен судија, обвинител, полиција од нив ќе ги добиеме првичните сознанија. Рано утрово се случил изутрина околу 2, 3 часот, вработениот бил сам, немало други присутни, бил во движење и тоа ни го отежнува можностите за причините за настаната несреќа, истакна ВАСКО КОВАЧЕВСКИ, ГЕНЕРАЛЕН ДИРЕКТОР НА АД ЕСМ.
Загинатиот Костадиновски пред само два месеца бил награден за својот труд. Од комбинатот велат дека тој бил искусен и досега немал проблеми особено со булдожерот ТД 40 кој како што велат бил во исправна состојба.
-Последниот генерален ремонт во третиот месец 2020, оттогаш секој ден беше во функција, никој од ракувачите немало ставено забелешка за неправилност за самата машина. Во сите рудници условите во секое годишно време се исклучително тешки, вакви несреќи за жал се случуваат одвреме навреме, само за илустрација од 2003 до денес во РЕК Битола вкупно се изгубени 5 човечки животи, рече Ќурчиевски.
Телото ќе биде предадено на обдукција со цел да се дознаат причините за смртта на работникот, а од раководството истакнаа дека покрај сочувство на семејството, ќе им понудат и поддршка и помош сега, но и во иднина.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
