Македонија
2. August 2019 - 20:41

Илинден се прослави и во Смилево

Илинден денеска се прослави и во Смилево, селото каде е роден Даме Груев, селото каде од 2 до 7 мај 1903 година се одржа Смилевскиот конгрес на кој беше решено да се подигне востание во битолскиот револуционерен округ. Денешната свеченост се одржа во спомен паркот на Даме Груев каде претходно делегациите положија свежо цвеќе.

- Да ги запреме поделбите, да се обединиме внатре, да се обединиме со соседите, да се обединиме и со европското семејство. Да ја градиме нашата земја како граѓанска држава, рече Трајан Димковски, министер за земјоделие.

- Денеска ја потврдуваме нашата национална самосвест и припадност од коишто  никогаш нема да се откажеме, рече Марјанче Стојановски, Градоначалник на Демир Хисар.

Смилевци се горди што токму оттука почна Илинденската револуција и бараат повеќе внимание да се обрне на ова историско место.

- Смилево е заборавено, од 1990 година наваму ние тапкаме во место. Смилево треба да биде срцето на Македонија бидејќи има златна историја со златни букви испишана во историските страници, тоа не може никој да го побие. Да бидеме сите горди што Смилево за време на Илинденското востание добио храброст во најлошите услови во турско време, да одважи конгрес, овој народ има многу дадено за оваа слобода, рече Јован Даскаловски, жител на село Смилево.

Денеска во Смилево се одбележаа и 77 години од првата борбена акција на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“ за ослободување на Смилево.