Македонија
13. July 2019 - 16:25

„Копанки“ се враќа во државна сопственост

Општина Битола донесе решение со кое делумно се поништува одлуката од 2015 година со која Планинарскиот дом Копанки беше легализиран, а сопственоста беше дадена на Планинарско спортскиот клуб Пелистер. Со ова решение се одзема сопственоста од клубот и се пренесува на државата.

-Oпштина Битола ќе го побара во владение, oпштината на својата сметка има доволно пари да го обнови планинарскиотдом Копанки во најбрз можен рок за што има и одлука на Советот. Јавноста треба да знае, здружението ПСК Пелистер има извршено незаконско приграбување на сопственоста на планинарскиот дом Копанки, изјави МЕТОДИЈА ИЛИЕВСКИ, КООРДИНАТОР НА СОВЕТНИЧКА ГРУПА НА СДСМ.

ПСК Пелистер ќе се жали на решението.

-Планинарскиот дом Копанки никогаш не бил во друга сопственост освен на ПСК Пелистер.Ние ќе го обжалиме решението, се надеваме дека жалбата ќе наиде на разумно решение од страна на Министерството за транспорт и врски, не дај боже ако дојде до судски епилог, тогаш ќе се надеваме не судска правда, РЕЧЕ ДИМЧЕ ПОПОВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ПСК ПЕЛИСТЕР.

На решението реагираа од опозицијата.

- Сите одлуки донесени во минатите состави на Советот на Општина Битола кои беа неопходни во процесот на легализација и утврдување на сопственост на планинарскиот дом Копанки се донесени со конзензус од страна на сите членови на Советот. Во тие состави членови биле градоначалникот Петровска, координаторот на советничката група на СДСМ Илиевски, претседателот на Совет Груевски, и претседателот на СДСМ во Битола Златко Ќурчиевски, рече ИВАНЧО ТОШЕВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ВМРО ДПМНЕ БИТОЛА.

Претседателот на Советот на Општина Битола демантира.

- Неговата изјава дека во минатиот состав сум гласал да му го препишиме Копанки на ПСК Пелистер е чиста манипулација, и јас во најмала рака очекувам и барам јавно извинување. За приватизација на Копанки немаме гласано, ниту пак Советот имал и има таква надлежност. Ние немаме намера да го приватизираме. Имаме да намера брзо да го изградиме и да остане планинарски дом, изјави ВАЛЕНТИН ГРУЕВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА БИТОЛА.

Планинарскиот дом Копанки, кој изгоре во пожар во јануари 2013 година, минатата година општината го побара од клубот да и го отстапи, зашто законски не можеле да инвестираат во објект кој е во туѓа сопственост. Од ПСК „Пелистер“ одбија велејќи дека ако општината сака има законска можност. Оттогаш, со работни акции и со донатори планинарите започнаа да го обновуваат Копанки.