Здружението „Јасмин“ надеж за болните од канцер во Битола
Во борбата со карциномот, пациентите од Битола се соочуваат со повеќе проблеми. Токму затоа пред една година беше формирано здружението за болни од канцер „Јасмин“ основано од Андријана, Анета и Александра кои се соочиле со оваа борба.
- Преку здружението мене лично ми помогна да се изборам, да не мислам на болеста, со самото помагање најдов еден душевен мир, со дружењето, искуствата од членките и мислам дека тоа најмногу ми помогна да ја победам оваа голгота , вели АНДРИЈАНА МИТРЕВСКА, ЗДРУЖЕНИЕ ЈАСМИН БИТОЛА.
Како здружение немаат сопствена просторија каде граѓаните можат да им се обратат, што за нив е голем проблем. Друг проблем со кој се соочуваат е и недостигот на психолог за одржување работилници, кој им е потребен за подобра психичка поддршка на заболените.
Но, како најголем проблем е што поголемиот дел пациенти од Битола мора да патуваат до Скопје за да примат терапија.
- Проблем е радиотерапијата во Битола, има радиотерапијата, но нема кадар, вели Андријана.
- Има проблем со компјутерски дел, којшто треба да се набави, за да започне и тука да работи. Да се заангажираат повеќе за град Битола затоа што има над 2000 заболени, меѓу кои има и деца, да се подигне свеста, да се обрне внимание на онколошкиот дел, да се обезбедат сите средства кои треба, за да се скрати делот со патувањето, сите патуваме, а тоа се дополнителни трошоци, рече АНЕТА ДИМИТРИЕВСКАА, ЗДРУЖЕНИЕ ЈАСМИН БИТОЛА.
Деновиве организираа велигденски базар „Заедно во борба со карциномот“, а собраните средства ќе ги наменат за потребите на болните од рак.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
