Македонија
4. March 2019 - 16:49

Кирацовски против Јанушев како шефови на изборен штаб

Освен со професорското ниво на избраните кандидати – професорката Гордана Силјановска и професорот Стево Пендаровски, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на претстојните претседателски избори на исто ниво ќе се судират и во изборните штабови. Откако во јануари, за шеф на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ за изборите на 21 април беше поставен генералниот секретар Игор Јанушев, денеска и владејачката СДСМ одлучи шеф на изборниот штаб да биде нивниот генерален секретар – Александар Кирацовски.

Од СДСМ ветуваат  кристално чисти фер, слободни и демократски избори.

Изборниот штаб на СДСМ, заедно со останатите политички партии кои го поддржуваат заедничкиот кандидат за претседател Стево Пендаровски, е подготвен да организира позитивна, принципиелна, мирна и достоинствена изборна кампања во духот на демократските и европските вредности. Победата на Стево Пендаровски ќе биде уште една победа на концептот едно општество, победа на напредокот, развојот и интеграцијата., велат од СДСМ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека Пендаровски во претседателската трка во 2014 година зборувал како се потребни нови лица во политиката во Македонија, а сега повторно се кандидира.  Обвинуваат дека неговата пораката дека нема да прави поделби е спротивно на тоа што го говорел пред пет години - дека како претседател нема да потпишува закони што важат за една група граѓани.

Ова т.н. „новото лице“ на Пендаровски, истата година во Крива Паланка порача дека ако станел претседател: „Немам намера да потпишувам закони кои што важат за една група на граѓани“! Колку групи граѓани разликува Пендаровски? За која група на граѓани тој го гласаше законот за двојазичност? Останува ли на поделбата на групи: оние кои што тој ги нарекува стока во трло и оние кои се негови блиски? заевизмот на власт повторно ви нуди стари истрошени ликови, претставувајќи ги како нови. Всушност, заевизмот и го нуди Пендаровски како докажан послушник, поддржувач и извршувач на заевизмот. Пендаровски е докажан, еднаш легитимираше криминални крвави избори, што ли сега е способен да легитимира за партиски цели?,

Од ВМРО-ДПМНЕ се убедени дека нивниот кандидат професорката Гордана Силјановска ќе биде победник на изборите.