Македонија
2. March 2019 - 16:31

Познати тројца кандидати за претседателските избори, аналитичарите очекуваат европска кампања

Професорката по уставно право Гордана Силјановска Давкова како кандидат на колицијата на ВМРО-ДПМНЕ, професорот по надворешна политика и национален координатор на НАТО Стево Пендаровски како кандидат на СДСМ, ДУИ и владината коалиција и професорот по меѓународно право Блерим Река како кандидат за БЕСА и Алијансата на Албанците. Ова се трите клучни кандидати за претстојните претседателски избори откако синоќа премиерот и лидер Зоран Заев го објави името на Пендаровски како консенсуален кандидат на власта.

На Пендаровски кој доаѓа од позицијата национален координатор за НАТО ова ќе му биде втора шанса на претседателски избори по онаа од 2014 година. Неговиот избор ќе треба да биде потврден и на утрешниот конгрес на СДСМ.

Политичките аналитичари велат дека имињата и статусот на кандидатите гарантираат цивилизирана и достоинствена европска кампања.

И Дујоски и Бакиу сметаат дека на овие избори клучни ќе бидат албанските гласови. Велат дека Албанците ќе бидат мотивирани да излезат на гласање, особено во првиот круг.

Силјановска Давкова ги собра потребните 10 илјади граѓански потписи. Река е на половина пат. Пендаровски тоа ќе треба да го направи од понеделник до наредната сабота. Уште шестмина други собираат потписи, но неизвесно е дали ќе успеат во тоа.