Бизнис
11. October 2018 - 19:33

Кочулските водопади кај Валандово ќе станат достапни за туристите

Туристичката понуда во југоистокот добива нови содржини. Општина Валандово започнува со уредување на Кочулските водопади. После долги години и овој  дел од Беласица кој изобилува со недопрена природа и голем број природни реткости станува достапен за љубителите на еко руралниот туризам.  13 водопади  од кои највисокиот има 28, а најмалите по 10 метри  кои поради непристапниот терен ретко кој досега имаше  можност да ги посети за неколку месеци ќе бидат новата содржина која Валандово ќе им ја понуди за своите туристи.

,, Преку овој проект ќе станат достапни околу 13 водопади кои што се наоѓаат овде во ова подрачје од општината. Ќе се постави урбана опрема , значи комплетно ќе бидат туристички уредени водопадите. Ќе станат пристапни за секој еден посетител кој што ќе сака да дојде да се конектира со оваа недопрена природа и едноставно да ужива.,, вели Перо Костадинов, градоначалник на Општина Валандово

Целта на општината е со реализацијата на овој , но и со уште неколку други слични проекти Валандово да го направи атрактивна туристичка дестинација.

,, Можеме да го споиме со низа други пропратни активности кои што туристички градот  Валандово и општината може да ги понуди наредниот период , така да ова е само зачеток на она што општината планира да го прави наредниот период, а тоа е да го стави Валандово на туристичката мапа во Република Македонија па и пошироко.,, вели Костадинов 

Уредување на Кочулските Водопади чини нешто повеќе од 3,5 милиони денари. Проектот се реализира во партнерство помеѓу општина Валандово и центарот за развој на југоисточниот плански регион.  Најголемиот дел од средствата  се обезбедени преку бирото за регионален развој, а локалната самоуправа учествува со околу 860 илјади денари.