Свет
26. February 2018 - 11:33

Москва вознемирена поради заканите со сила упатени кон Дамаск

 Москва е вознемирена од заканите за употреба на сила против Дамаск, што ги упатуваат некои земји, вклучувајќи ги и САД, изјави денска рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.

- Многу сме вознемирени од извештаите дека среде општиот пораст на реториката против Дамаск и антируската реторика во Вашингтон, повторно слушаме закани за користење на сила, што не е легално. Тие бараат изговори и тоа е сосема спротивно на значењето и содржината на Резолуцијата 2401 на Советот на безбедност на ОН, вели Рјабков. 

Во Резолуцијата на Советот на безбедност на ОН едногласно усвоена во саботата, се бара 30-дневно примирје ширум Сирија, со цел да се овозможи достава на хуманитарната помош и да се изврши медицинската евакуација. 

Резолуцијата е усвоена откако сириските провладини сили седум дена по ред го бомбардираа источното предградје на Дамаск, Источна Гута кое е под опсада, во една од најжестоките офанзиви во текот на сириската војна.