Бизнис
17. July 2017 - 16:49

Туризмот и хотелиерството се во подем во Македонија

Да се продолжи работното време за угостителските објекти во руралните средини, државата да помогне и да ги покрива придонесите за сезонските работници во туристичките центри како би се задржале во текот на целата година. Ова се некои од барањата на Стопанската комора за подобрување на актуелната состојба во туризмот. Да се спречи и одлевањето на парите за одржување на семинари во странство. Истите може да бидат во земјава во соодветни објекти за оваа намена што значи поддршка за секторот.

- Во сите држави со сериозно угостителство и хотелиерство, категоризацијата ја врши фелата, додека кај нас тоа го прават нестручни тела, лица избрани од власта. Затоа има објекти рангирани несоодветно на она што го нудат. Бараме примена на европските искуства, измени на Законот за угостителска дејност, истакна заменик-претседателот на Здржението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија Горан Дамчевски.

Од Комората апелираат надлежните инспекции да вршат контрола на сместувачките капацитети кои се нудат на странските сајтови и претставуваат нелојална конкуренција за нив. Очекуваат средба со надлежните за надминување на актуелните проблеми.

Комората очекува добра туристичка сезона во Охрид. И покрај земјотресите надлежните велат дека градот е полн со гости и нема откажување на аранжмани во хотелите. А во Скопје пак продолжува организираното разгледување на градот за странските туристи.