Свет
29. January 2018 - 10:05

Нивото на Сена во Париз достигна речиси шест метри

Нивото на реката Сена во Париз минатата ноќ забележа драстичен раст, достигнувајќи речиси шест метри, по што почна бавно да се намалува. 

Како што соопштија француските власти, Сена во еден момент достигнала ниво од 5,84 метри, што е за четири метри над нормалата.

Повисоко ниво водата во Сена имала во јуни 2016 година кога достигнала 6,1 метри и во 1910 година кога водата се искачила до 8,62 метри, што претставува досега највисоко измерено ниво.

Поради напливот на Сена седум станици на париското метро на една од најпрометните линии ќе останат затворени најмалку до 5 февруари.

Властите информираа дека состојбата со нивото во Сена „постепено се подобрува“, но оти водата во реката се намалува многу бавно, поради што очекуваат дека ќе бидат потребни неколку недели за целосна нормализација на ситуацијата.