Бизнис
5. April 2019 - 16:16

Независните синдикати утре на протести во Куманово

Членовите на Конфедерацијата на слободни синдикати повторно излегуваат на протести. Првиот е закажан за утре напладне на плоштадот во Куманово. Бараат зголемување на платата во јавниот сектор согласно растот на минималната плата, исплата на К-15 по примерот на приватниот сектор и дополнително, Владата да се откаже од идеата за трансферирање на вработените од јавниот во приватниот сектор.

“Како што знаете, минималната плата во изминатава година и пол е веќе покачена 25%, а платите во јавниот сектор во одредени дејности се 5%, во одредени дејности не се ни покачени. Сведоци сме дека Владата изјавува дека имаме пораст на просечната плата, дека имаме покачување на платата во јавниот сектор но, секако, еве ние тука ќе изјавиме дека тоа воопшто не е точно, дека платите во јавниот сектор се социјална категорија. Значи, вработените во јавниот сектор се социјална категорија со социјални примања”, вели Благоја Ралповски, претседател на Конфедерација на слободни синдикати на Македонија.

Наредниот протест КСС ќе го организираат во Скопје. Доколку не се реализираат нивните барања, најавуваат генерален штрајк.

“Ние нема да застанеме со нашите активности, нема да застанеме со нашите синдикални делувања. Напротив, ќе продолжиме и за време на претседателската кампања да ги потсетиме дека сме тука за да побараме тоа што ни следува согласно законите, согласно Законот за работни односи и согласно Законот за минимална плата, кои што велат дека треба да бидат усогласени платите доколку има покачување на минималната плата. Притисокот од нашето членство е сè поголем и поголем за прогласување на генерален штрајк во јавниот сектор”, вели Благоја Ралповски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија.

Конфедерацијата на слободни синдикати во моментов брои околу 60.000 членови.