Бизнис
17. April 2016 - 17:12

Нема веќе извршување на долгови без знаење на должникот

Граѓаните позитивно ја оценија одлуката , сметките  на должниците да не се блокираат без претходно  да бидат известени за тоа. Велат дека  на овој начин секој кој има долг навреме ќе биде известен. Должникот нема да се доведе до ситуација откако ќе му се  блокира  сметка да оди и да прашува за што должи и зошто е тужен. Сметаат дека ваквото решение требало многу порано да се донесе.

Со новите измени во законот за извршители кои веќе се изгласани во собранието, сите извршители ќе мора прво да го информираат должникот да го повикаат во рок од три дена да оди до неговата канцеларија и да ги достави потребните податоци како имотната состојба,  статусот на вработеното лице, висината на приходите и други надоместоци . Со оваа новина ќе  им се намалат трошоците за извршување кои досега паѓаа на товар на должниците,  ќе имата можност да го платат долгот или пак да предложат средство за извршување кое  е поповолно за нив. Новина во законот е и тоа што од сега малите долгови за неплатени сметки нема да растат и ќе се решаваат вонсудски ако се платат  во  рок од 15 дена откако  должникот ќе биде писмено известен.  Ова важи за сите оние предмети во кои долгот не го надминува лимитот и тоа за струја и парно до 6.000 денари, а за вода, телефон, кабелска и одржување на зграда до 2.000 денари.  Ако пак не се подмири долгот во утврдениот рок потворно се оди на постапка на тужење и во тој случај трошоците се зголемуваат.

Се крати и постапката за извршување врз недвижнини. Роковите за процена од страна на проценителот од 15 се кратат на 8 дена. Се остранува можноста за трето јавно наддавање. Со тоа ќе се намалат манипулациите од купувачите за намалување на цената на недвижноста , поради што оштетени беа  и доверителот и должникот, а корист имаа само учесниците на  јавните наддавања. Вака  времето на извршивањето врз недвижност се крати  за 45 дена и се гарантира неговата вредност. 

Сите овие измени се објавени во службен весник и ќе почнат да се применуваат од август.