Македонија
29. November 2017 - 19:12

Нема детали од вчерашната средба Заев – Груевски кај претседателот Иванов

Заев и Груевски доцна синоќа се сретнаа кај претседателот но ниту еден од нив не открива детали од разговорите. 

Шефот на државата ги повика на средба за помирување и нормализирање на новонастатата ситуација по вчерашните приведувања на пратеници и други осомничени за настаните од 27 април.

Груевски рече дека кај Иванов  ги повторил своите ставови кои претходно ги истакна пред јавноста. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ рече  дека партијата нема донесено одлука за напуштање на парламентот.

Владата смета дека институциите имаат целосен кредибилитет и одговорност да ги расветлат случувањата од 27 април во македонското собрание.

Заев истакна дека со Груевски и Иванов  разговарале отворено како одговорни субјекти. Тој порача дека е потребно опозицијата целосно инклузивно да биде вклучена во процесите кои доаѓаат.

Премиерот  одби да ги коментира одлуките на судот за одредениот притвор за дел од осомничените меѓу кои се и  6 пратеници.

Заев истакна дека разговорите кај претседателот ќе продолжат, но од кабинетот на шефот на државата не откриваат за кога е закажана следната средба.