Бизнис
20. November 2023 - 16:37

Неиздржливо е мала земја како нашата да субвенционира 80% од сметката за струја, вели Битиќи

Ќе се намалат субвенциите на сметките за струја. Од 80 ќе паднат на 60%, вели вицепремиерот Битиќи. Тоа е една од препораките на ММФ од каде рекоа дека наместо за субвенции на струјата, повеќе пари треба да се насочат на инфраструктурата, здравството и образованието.

Минатата година субвенционирањето на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи беше 80%. Тоа е неиздржливо за една мала земја како нашата“ – Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања

Лани Владата почна да се фали преку фактурите дека ако не биле субвенциите, струјата ќе биде двојно поскапа, па во посебен дел беше истакнато дека државата покрива и над 90%.

Како и кому ќе се одрази намалувањето на 60% засега е нејасно. Она што Битиќи го знае уште пред да стигнат пресметките на енергетските компании до РКЕ, е дека најверојатно поскапа струја ќе плаќаат потрошувачите во последните два блока.

Ќе го прошириме тарифниот блок 3 и 4 со тоа што опфатот да биде поголем за тие коишто трошат повеќе, а за најранливите категории кои вистински штедат електрична енергија да остане истиот тарифен модел“ – Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања

Регулаторна до крајот на годинава треба да ја скрои новата цена.

Од следната недела, пак, се враќа дневната евтина струја. Од понеделник до сабота, од 13 до 15 часот. Во недела останува цел ден.

Електродистрибуција поседува 170.000 броила со далечинска комуникација и 650.000 обични броила кои треба да се сетираат на лице место.Броилата ќе се сетираат уште во првиот месец (декември), освен недостапните кои ќе се сетираат во наредниот период“, велат од ЕВН за Сител.

Евтината тарифа преку ден ја врати СДСМ во 2017 како исполнето предизборно ветување, па по 3 години ја укина кога започна енергетската криза. Претстојното враќање на оваа тарифа повторно доаѓа на неколку месеци пред парламентарните избори.