Кошарка
7. јуни 2018 - 11:01

НБА: Коњаниците немоќни против шампионот

Кошаркарите на Голден стејт Вориорс се на чекор до одбрана на титулата во НБА-лигата кога славеа и во третиот меч од серијата против Кливленд Кавалирс. Вориорс како гости славеа во Охајо со 110:102. Меч-винер беше Кевин Дурент, кој постигна 43 поени.

Голден стејт со својот најдобар дефанзивец Андре Игудала пристигна на натпреварот во Кливленд. Игудала поради повреда не играше на првите два натпревара, а ја пропушти и серијата против Хјустон.

Иако Игудала играше, Кливленд во првиот дел без многу проблеми ја решаваше одбраната на Голден стејт. Кавалирс ја наметна својата игра, водеше во првиот период, но Вориорс со тројките на Кари и Томпсон по 12 минути игра имаше само поен негатива.

Кливленд повторно се одвои од противникот во вториот дел со серија 6:0, а на четири минути до полувремето домашните кошаркари имаа предност од 13 поени. Меѓутоа, Дурент постигна тројка во последната секунда од вториот период и намали на 58:52.

Третата четвртина гостите ја отворија со серија 3:13, стекнаа предност од пет поени и од тој момент па до самиот крај започна резултатската нишалка.

На три минути до крајот, Кари, кој имаше ужасна шутерска вечер, погоди најпрвин за два, а потоа и за три, а мечот го реши Дурент со тројка на 50 секунди до крајот кога Вориорс стекна 100:106.