Свет
10. July 2015 - 10:35

Наскоро пропаст на светот...

Еколошката енциклица на папата Франциско, ни крива, ни должна, разбуди и некои колатерални ефекти, а тоа е паразитската склоност на професионалните продавачи на паника кои секое нарушување, било да е економско или климатско, го гледаат или интерпретираат во апокалиптичен тон: „Ете, светот само што не пропаднал“.

И тогаш, кога ќе ве заплашат, аплицираат за ЕУ фондовите за намалување на стравот... Еве пример како научно, но еколошки, без штета за околината, некој да се збогати.

Пророштвото на Римскиот клуб

Римскиот клуб во средината на минатиот век предвидел дека резервите на нафта на Земјата се при крај, дека последната капка од „црното злато“ треба да истече до 2000 година, поточно во 1992 година и дека потоа ќе настапи апокалипса, бидејќи не сме се подготвиле за алтернативни решенија.

Ете, 2015 година е нафта има се уште, дури ќе се вади и тука во Славонија и на Јадранот, ако дозволат апокалиптичарите, а многу алтернативни решенија веќе сега се на дело, па се помалку се алтернативни. Сега апокалиптичарите, како еден вид на адвентисти, овој катастрофален настан го поместуваат за половината на овој век.

Напишете проект и вие може да се збогатите на ова нивно пророштво на одложена апокалипса. Климатските промени, глобалното затоплување или заладување, исто така од подрачјата на научна одмереност станаа апокалиптична литература за пропаст на светот.

Зелената мафија на ширењето на оваа паника сосема добро заработува. Главно, без ниту малку воздржаност се тврди дека за сето тоа виновен е човекот и лакомиот капитализам. Ќе не сотре Сонцето или мразот за брзо време, не знам, знам само дека Гренланд во 12-от век бил населен, дека таму се обработувала земјата и се одгледувале земјоделски култури. Знам дека Европа во средниот век била разорена од повеќедецениска суша, при што најголеми загадувачи биле ковачите и луѓето собрани околу оган.

Сепак, природата никогаш чудно не се однесувала како денес? Хм! Ако е така, не знам што со овој цитат: „А што се случи со таа зима што со толку неверојатна жестина беснееше, па снег со ужасна висина се задржуваше дури на централниот плоштад 40 дена, додека Тибар беше замрзнат“. Кога такво нешто би се случило сега, што би ти рекле?!

Екологијата е идеологија

Така пишуваше Аурелиј Аугустин (De civitate Dei; 3, 17, 3) пред 1600 години за зимата која го погодила Рим, полемизирајќи, не додуша со проблематика на глобално заладување или затоплување, туку со погани тези дека сите тие климатски промени се божја казна.

Денес научниот дискурс всушност е ист, повторно се работи за казна од божјата природа поради човечки гревови. Мислам дека христијаните воопшто не треба да се впуштаат во еколошките прашања, како што тоа монденски го прави академската и друга јавност.

Екологијата е идеологија, од надвор зелено, од внатре црвено, како лубеница. Додворувањето на модите и науката е знак за недостиг на вера во Бога и вишок вера во ЕУ фондовите и проектите.

Франциско, иако го вовлекуваат во таа еколошка приказна, не ја развиваше екологијата, туку екофилијата, состојба на љубов кон створеното, кое меѓу другото, ја одредува и човекот. Христијаните ова што е создадено и така го сфаќаат како премин, како пропаѓање, но должни се да се грижат за светската околина.

Но, не треба да се мешаат, во таа загриженост, со професионалните продавачи на страв на кои екологијата им е бизнис и кој секојдневно пеат: „Наскоро ќе се случи пропаст на светот...“.

Глас Славоније - Осијек