Кочанската болница ги враќа породувањата и операциите
Кочанската болница постепено ги враќа медицинските услуги за кои пациентите досега мораа да патуваат во други здравствени центри. Со донација од Република Полска, реализирана во соработка со Општина Кочани, модернизиран е дел од оперативниот блок.
- Официјално ги пуштаме во употреба оперативниот стол, оперативното светло и хистероскопот, како дел од лапароскопскиот стол, кои ќе се користат во Општата болница во Кочани и се надеваме дека со нив ќе ги подобриме условите за сите планирани елективни хируршки и гинеколошки зафати, изјави д-р Катерина Паниќ Мирчовска, директорка на Општа болница- Кочани.
Со новата опрема веќе се изведени првите операции. Гинеколошко-акушерското одделение е зајакнато со две нови специјалистки, а наскоро се очекува и трета.
- Веќе се започнати спонтаните породувања во поголем број, можам да кажам дека досега се околу 70, за разлика од претходната година. Исто така, започнати се и царските резови, а се надевам дека и гинеколошките операции ќе ги вратиме во кочанската болница, за да се подобрат условите и пациентите да не патуваат во други болници за истите процедури, изјави Паниќ Мирчовска.
Во скоро време треба да се инсталира и дигиталниот рендген-апарат.
- Очекуваме дека до крајот на декември веќе ќе го имаме во употреба и дека со тоа ќе можеме да заокружиме една година во која имавме значајни инвестиции во опремата во Општата болница во Кочани, додаде Паниќ Мирчовска.
Обновен е и возниот парк со осум амбулантни и три помошни возила, а се очекува враќање на лекари од специјализација по општа хирургија и гинекологија.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
