Македонија
28. April 2021 - 16:42

Народниот правобранител смета дека онлајн наставата ги крши правата на децата

Народниот правобранител констатира кршење на правата на децата за еднаков пристап до образование во услови на онлајн настава. Најмногу биле погодени децата од руралните средини, тие од загрозени семејства, како и децата со попреченост се констатира во годишниот извештај за почитувањето на човековите слободи и права. Омбудсманот бара институциите да ги преземат сите мерки за ниту едно дете да не остане надвор од образовниот процес.

Граѓаните најмногу се жалеле за правосудството, каде од 406 претставки дури половината се однесуваат на работата на извршителите и непочитувањето на правата на граѓаните при блокирање сметки и присилна наплата.
Финансиската помош од државата за средношколците,студентите и одделни категории граѓани се претворила во голгота, забележува Омбудсманот бидејќи иако им следувало голем број од нив не го оствариле тоа право.
Бројни се поплаките и за кршење на правата од областа на труд и социјала.

Народниот правобранител констатираше нефункционалност на повеќе комисии од различни области кои решаваат за правата на граѓаните. Бројни забелешки има и за работата и условите во затворскиот систем.