Македонија
21. јуни 2023 - 19:47

Намалена транспарентност, администрација во вегетација - Мониторинг на ЕПИ

Уназадува отчетноста на владата.. Институтот за европска политика детектирал дека недоволно се објавуваат информации за нејзината работа. Две години по ред владата не ги објавила годишните извештаи, а тајни остануваат и документите усвоени на седниците.

„Во 2017 и 2018, тој мониторинг имаше навистина голем скок во однос на објавувањето на инфомрациите за работата на владата, меѓутоа, трендот и во претходниот извештај и сега е таков каков што е односно има уназадување, бидејќи, Владата ги нема објавено своите извештаи за работа од 2020 и 2021, а исто така има и дел од националните стратегии за кои не успеавме да најдеме каков е степенот на нивна реализација“, вели Јулијана Караи, Институт за европска политика (ЕПИ).

Според анализата, работата на јавната администрација е во вегетативна состојба.. Повеќе стагнира отколку што напредува.. Најголем проблем е недонесувањето на законот за висока раководна служба, па наместо според заслуги, се уште државна раководна функција се добива по партиски клуч.

„Најголема стагнација забележавме кај донесувањето на законите. За висока раководна служба, за организација на органите на управата, за административни службеници и законот за вработени во јавен сектор. Едноставно, треба да се донесат и на тој начин ќе се забележи некаков напредок, особено кај Законот за високораководна служба кој Европската комисија со нетпрение го очекува“, вели Караи.

Во својот извештај, ЕПИ наведува дека загрижувачки е што во последните две календарски години, ниту едно министерство или државна институција не објавува извештаи за спроводените јавни набавки.. Најдобри резулатите според Институтот за европска политика, покажал Државниот завод за ревизија кој информира за сите свои активности, а пишува и разбирливи извештаи за граѓаните.