Македонија
19. September 2024 - 13:41

Муцунски на Столтенберг му врачи Плакета за постигнатите успеси

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој го придружува премиерот Христијан Мицковски во работната посета на Брисел, во седиштето на НАТО имаше средба со генералниот секретар на Алијансата во заминување, Јенс Столтенберг. 

Како што објави денеска министерот Муцунски на својот Фејсбук профил, на средбата со Столтенберг му изразил лична благодарност за неговиот извонреден придонес во евроатлантската безбедност, притоа врачувајќи му Плакета за постигнатите успеси. 

- Го истакнав неговото водство во турбулентните години, со кое значително ја зајакна и модернизира Алијансата, правејќи ја покредибилна и поподготвена за зачувување на мирот и стабилноста, наведе Муцунски во објавата. 

Тој додава и дека во разговорот ја нагласил важната поддршка на Столтенберг за нашето членство и личните напори што ги вложил за промовирање на мирот на Западниот Балкан, како и неговата посветеност кон политиката на отворени врати на НАТО, која е клучна за регионалната стабилност. 

Муцунски синоќа во седиштето на Алијансата во Брисел се обрати и на приемот организиран по повод Денот на независноста – 8 Септември, потенцирајќи дека нашето членство во НАТО претставува долгорочна стратешка определба и придонесува за зајакнувањето на колективната безбедност. 

Тој се осврна и на предизвиците со кои се соочува земјава на својот европски пат, при тоа нагласувајќи дека посветеноста на реформите и нивната квалитетна имплементација се суштински за приближувањето на нашите стандарди кон оние на ЕУ. Говорејќи за перспективите за зачленување во ЕУ, Муцунски истакна дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Унијата е од големо значење не само за нас, туку и за стабилноста на целиот регион.  

Муцунски во обраќањето ја повтори и нашата силна поддршка за Украина, додавајќи дека земјава како одговорен партнер, останува посветена на заедничките вредности на Алијансата и на глобалните напори за зачувување на мирот и безбедноста.  

Денеска Муцунски, заедно со министерот за европски прашања Орхан Муртезани, ќе го придружува премиерот Мицкоски на средби со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман.   

На пладне Мицкоски, заедно со останатите лидери од земјите од Западниот Балкан присуствуваше на работен ручек во организација на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на која главни теми беа меѓусебната соработка и Планот на ЕУ за раст на регионот.