Бизнис
5. October 2019 - 16:37

МОН и СОНК во понеделник повторно на преговори-ако не успеат почнува процедура за генерален штрајк

СОНК и Министерството за образование в понеделник во последен обид да се договорат за повисоки плати за просветарите. Доколку нема договор за 25-процентно покачување на личниот доход и негова исплата од почетокот од следната година, Синдикатот ќе донесе одлука за генерален штрајк и прекин на наставата.

Двете страни најавија дека 7-октомври е крајниот рок за договор. Ресорниот министер оптимист дека ќе најдат заеднички јазик со синдикалците.

Умерен оптимизам за договор имаат и од СОНК. Конечната одлука за генерален штрајк ќе зависи од одговорот од Министерството на две клучни прашања – колку и кога ќе се покачуваат платите на просветните работници.

Доколку договор в понеделник нема, одлуката за генерален штрајк ќе се носи до крајот на идната недела. Потоа следува т.н “15-дневен период на помирување”, во кој исто така постои можност да се усогласат двете страни. Ако се исцрпи и оваа можност, наставниот кадар излегува на генерален штрајк до крајот на ова полугодие.  

Просветните работници одржаа предупредувачки протест на 2-ри септември и му дадоа рок на Министерството до крајот на месецов да донесе одлука за зголемување на платите. Откако договор до крајот на септември немаше, СОНК постави ултиматум - понеделник да биде краен рок за конечно решение.