МОН го стокми новиот предлог-закон за учебници во основно и средно образование
Издавачките куќи ќе може да конкурираат со веќе подготвени учебници. А доколку истите се одобрат од стручните комисии и надзори, со договори, куќите ќе бидат обврзани, да ги испечатат и достават до училиштата до први септември.
Ова го предвидува новиот предлог - закон за учебници за во основно и средно образование, кој е објавен на ЕНЕР. Јавноста има рок уште 17 дена да поднесе сугестии и коментари за измена.
„Овој пат им даваме можност на издавачките куќи да учествуваат со веќе подготвени учебници кои потоа во процедура избор, одобрување од Бирото, рецензии од Националната комисија би биле избрани и обврската за печатање се префрла на издавачките куќи кои со договор ќе бидат обврзани да ги достават учебниците до 1 септември“, изјави министерка за образование и наука, Весна Јаневска.
Со префрлањето на обврските на извадачките куќи да си бараат автори, очекувањата на МОН се дека квалитетот на учебниците ќе се подобри.
„Иако постапките кои се почнати досега ќе продолжат по старите постапки затоа што обврска ни е да ги завршиме. Според првава година ќе видиме дали повеќето од постапките ќе можат да се префрлат на издавачките куќи, а очекуваме да добиеме подобар квалитет на учебници и поголема ефикасност за да не се доведеме во ситуација на 1. септември да немаме учебници“, додаде Јаневска.
Властите очекуваат дека токму донесувањето на овој закон ќе придонесе сите ученици догодина пред себе да имаат учебници. Нивната содржина да биде поквалитетна, а набавката поедноставна.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар