Македонија
1. April 2023 - 16:37

Младите од Струмица подготвија стратегија за млади

Младинско учество и информирање, младинска работа и младите на пазарот на труд, образование, култура, спорт и рекреација, здравје и благосостојба на младите и животна средина, ова се областите кои младите од Струмица ги посочиле како стратешки приоритети на кои локалната самоуправа треба да стави акцент во наредниот период. Сите овие области се содржани и во стратегијата за млади  што ја изработи невладината Новус, а во чија реализација учествуваа преку 100 млади лица. Дополнително бил изготвен и сеопфатен прашалник на кој свои одговори дале над 250 млади на возраст од 15 до 25 години.

Паралелно со стратегија подготвен е и акциски план кој ги содржи конкретните активности што треба да се реализираат до крајот на оваа и во текот на следната 2024 година.

Стратегијата за млади на општина Струмица се подготвуваше пет месеци и треба да се реализира во наредните пет години. Како дел од целиот тој процес е формирано и консултативно тело  составено од претставници од советот на млади, младинските организации , претставници од општината и службеникот за млади. Телото ќе има задача да ја следи  имплементацијата на стратегијата.