Кошарка
19. January 2017 - 9:43

МКФ ги прогласи најдобрите во македонската кошарка за 2016 година

 
Македонската кошаркарска федерација ја продолжи традицијата на доделување на признанија на најдобрите поединци и екипи во македонската кошарка.  
 
МКФ додели награди во 14 категории, за изборот на најдобрите во македонската кошарка годинава одлучија новинарите од повеќе од дваесет медиуми во Македонија.
 
Признанието за најдобар кошаркар на Македонија за 2016 година, му припадна на македонскиот репрезентативец Александар Костовски, кој во квалификациите за Европското првенство беше еден од најдобрите поентери во црвено-жолтиот дрес, а со екипата на Куманово стигна до финалето на државниот шампионат. 
 
Во женска конкуренција признанието за најдобра кошаркарка на Македонија заврши во рацета на капитенот на шампионот Бадел 1862, Нена Трајчевска, која лани беше прогласувана за „МВП“ одосно најкорисната кошаркарка во шампионатот и Купот на Македонија.
 
Признанието за најдобар македонски кошаркар кој настапува во странство за 2016 година  едногласно го доби членот на европскиот вицешампион Фенербахче, Перо Антиќ. 
 
Лауреати во младинска конкуренција беа нашите млади интернационалци, Матеа Николиќ која настапува во Италија и Ненад Димитријевиќ кој е првотимецот на шпанскиот Хувентуд. 
 
Во екипна конкуренција признанијата им припаднаа на, Бадел 1862 за најдобра женска екипа односно Вардар за најдобра машка екипа, додека нивните тренери Анета Глигорова и Ѓорги Кочов, ги добија признанијата за најдобари тренери во младинска конкуренција. 
 
Најдобрите сениорски екипи на Македонија за 2016 година се освојувачите на двојната круна во машка и женска конкуренција МЗТ Скопје Аеродром и Бадел 1862, а нивните предводници Александар Јончевски и Перо Стамески ги добија признанијата за најдобри тренери.