Бизнис
25. November 2016 - 14:14

Мисајловски: Автопатот Демир Капија - Смоквица готов до средината на следната година

Автопатот Демир Капија - Смоквица е во завршна фаза. Завршени се околу 90 проценти од работите на делницата долга 28 километри за која се инвестирани околу 127 милиони евра.

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, кој денеска заедно со градоначалниците на Валандово и Гевгелија изврши увид во градежните работи, очекува автотатот да биде готов до средината на следната година.

- Инвестициите во изградба на капиталните проекти се наш најголем приоритет. Тоа го докажавме во изминатите години, го докажуваме и сега. Само на Коридор 10 инвестираме над 230 милиони евра за подобрување на сообраќајот. Покрај овој автопат, моментално го реконструираме и од Смоквица до Гевгелија кој исто така е во завршна фаза. Во исто време се реконструира и автопатот од Куманово кон Скопје. До крај на годината ќе потпишеме и договор за реконструкција на автопатот од Скопје кон Куманово и од почетокот на следната година да започнеме со градежните работи. Следната година ќе започнеме и со реконструкција и на делот од Велес до Градско. Веќе се започнати подготвителни работи за реконструкција на 8 км на делницата од Демир Капија до Неготино, набрзо и тука ќе започнеме со градежните работи, изјави министерот Мисајловски. 

Тој најави дека во следниот период ќе се продолжи и изградбата и реконструкцијата на над 60 регионални и магистрални патишта меѓу кои и изградбата на шест нови експресни патишта, за што ќе бидат инвестирани над 530 милиони евра.

Мисајловски потенцира дека во соработка со општините, преку Министертвото за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни птишта ќе се реконструираат над 200 локални патишта за што ќе бидат одвоени 30 милиони евра.