Бизнис
22. August 2017 - 16:14

Министерката за труд Мила Царовска останува на ставот дека пензионерите нема да имаат намалени пензии

Царовска останува на ставот дека пензионерите ќе добијат повеќе пари со усогласувањата кои ќе ги прави новата Влада. Вели дека претходната власт им исплатила на пензионерите покачување од 630 денари само со ноемвриската пензија лани, наместо 2 306 денари што ќе ги добиле доколку имало законско усогласување.

- Ако имаме еден отсто раст во период на една година и во прво полугодие и во второ полугодие во оваа година тогаш тие ќе добијат 2.160 денари. Но, тие нема да ги добијат наеднаш како еднократна исплата. Како што оди по Законот, растот се усогласува со прво полугодие, се усогласува со второ полугодие. Значи, раст на трошоци на живот и раст на плати – 50:50 се усогласуваат пензиите во Македонија. Тие им се даваат во првата половина одредена сума согласно растот и во втората половина им влегува во основица на пензијата, рече министерката за труд и социјална политика.

Царовска посочи дека дупката во ПИОМ за 10 години е тројно зголемена. Недостигот на средства минатата година изнесувал 21 милијарда денари.

На прашањето дали ќе има зголемување на старосната граница за пензионирање Царовска одговори дека досега немало дискусија. Допрва ќе се бараат начини за стабилизирање на фондот.

Со свој став за можното зголемување на старосната граница излезе и претседателот на опозицијата.

Од опозицијата и денеска тврдат дека власта го укинува очекуваното покачување на пензиите од 5 %. Препукувањата почнаа по информацијата дека пензиите нема да се покачат за 600 денари. Опозицијата тврди дека доколку тие се на власт пензионерите ќе добијат зголемување од 5 отсто. Од власта пак велат дека со законското усогласување пензионерите ќе земат повеќе пари.