Македонија
15. October 2024 - 20:01

Министерката влезе во „Кузман“ да провери како тече реконструкцијата

Студентските домови, стара рана на македонскиот образовен систем. Министерката Весна Јаневска денеска влезе во студентскиот дом Кузман, за да провери како тече реконструкцијата. Градежниците и покажаа како би изгледала една соба, која во моментов е и единствената готова.

Реконструкцијата на домот во срцето на македонската метропола чини 7 милиони евра. Тој е првиот, од вкупно девет, кои треба да добијат нов изглед со кредитите од Германската развојна банка.

Целосната реконструкција на студентскиот дом Кузман Јосифовски Питу треба да заврши за 18 месеци.

Набргу градежна офанзива треба да почне и во домот „Стив Наумов“. Таму студентите мака мачат со влага, немање на топла вода, а понекогаш и струја. Властите најавија дека целосно ќе се менува внатрешноста, столаријата и фасадата. Ќе се постават фотоволтаични панели и екосистеми за греење, кои треба да ја намалат потрошувачката на домовите за електрична енергија за 40%. Целосното реконструкција на Стив, надлежните ќе ги чини 10 милиони евра.

Бидејќи Стив и Кузман се нефукционални, годинава немаше легла за сите студенти од другите градови во останатите домови. Поради тоа, голем број од нив се сместуваат и во ученичките домови.

До крајот на мандатот, првата жена во образование најави реконструкција на вкупно девет домови. Но, кој освен Стив и Кузман ќе добие на лотарија, се уште се преговара.