Македонија
15. October 2015 - 13:12

Милер и Стопард: Наградите кои се добиваат во литературата се значајни за секој писател

Наградите кои се добиваат во литературата се значајни за секој писател. Многу е убаво кога ќе се добие награда. Ова денеска на прес-конференција  во Македонскиот народен театар го истакнаа Херта Милер и британскиот драмски писател Том Стопард, годинашни добитници на меѓународната книжевна награда „Табернакул“.

Наградата на двајцата лауреати ќе им биде врачена вечер во Македонскиот народен театар.

- Кога пишувам едноставно пишувам, не мислам на наградата. Тоа е една рецепција со самиот себеси. Пишувањето ви е оставено на вам, рече Милер.  

Стопард посочи дека многу е убаво кога ќе се добие награда бидејќи, како што рече, тоа ве потсетува на колегите писатели, издавачи, режисери..., постојано ве потсетува дека имате повеќе работи што ве спојуваат и ви се заеднички.  

По повод доделувањето на наградата, издавачката куќа „Табернакул“ ќе ги промовира нови четири изданија: романот „Патничка на една нога“ и книгата есеи „Секогаш истиот снег и секогаш истиот чичко“ од Херта Милер, а од Том Стопард - трилогијата „Брегот на Утопија“ и трите драми (во една книга) „Аркадија“, „Рокенрол“ и „Тежок проблем“. 

За ликот и делото на нобеловката Херта Милер ќе говори Виктор Ерофеев, руски писател и претходен добитник на оваа награда, а за творештвото на Том Стопард обраќање ќе има Горан Стефановски.

Херта Милер (1953) е германска писателка, добитничка на Нобеловата награда за книжевност во 2009 година. Родена во Романија, работела како преведувач, а со пишување почнала во младоста. Пишува романи, раскази, поезија и есеи. Нејзините дела се преведени на повеќе од дваесет јазици.

Том Стопард (1937) е еден од навлијателните и најпочитувани драмски автори во Британија и светот. Од 1997 е носител на титула витез што ја доделува британската кралица. Роден во Чехословачка, за време на нацистичката окупација пребегнал и по Втората светска војна се преселил во Велика Британија, откако поминал три години во интернат во Индија. Работел како новинар и како театарски критичар. Автор е на повеќе култни драми, меѓу кои е „Розенкранц и Гилденстерн се мртви“ (поставена во Драмскиот театар во Скопје), како и на сценариото за филмот „Вљубениот Шекспир“.

Книжевната награда „Табернакул“ претставува бронзена скулптура изработена од академскиот вајар Горан Стаменков. Лауреатите, исто така, добиваат и златник од Книжевната академија Табернакул, како и паричен износ од 5.000 евра.

Изборот на годинашните лауреати е со одлука  на жирито, во состав Ферид Мухиќ, Горан Стефановски, Венко Андоновски, Цветан Враживирски и претходните добитници на оваа награда: Милан Кундера, Љубивоје Ршумовиќ, Орхан Памук и Виктор Ерофеев.

Целта на книжевната награда „Табернакул“ е да ги промовира најзначајните, светски признати книжевни вредности на македонски јазик, како и да покаже дека Македонија е земја со долга книжевна и културна традиција, земја што покажува особена почит за сите актуелни книжевни и културни глобални достигнувања.