Македонија
18. October 2024 - 19:58

ДМ Дрогерие Маркт донира над 200 диспанзери со хигиенски влошки за јавни универзитети

Компанијата Де-Ем донира диспанзери со хигиенски влошки за државните универзитети ширум државата. Студентките ќе имаат можност да ги подобрат репродуктивното здравје и менструалната хигиена. Планот на Компанијата е во иднина да донира и во други проекти поврзани со менструалниот циклус кај жената.

Јавните универзитети добиваат над 200 диспанзери со хигиенски влошки за подобрување на менструалната хигиена. Компанијата ДМ ДРОГЕРИЕ МАРКТ до крајот на оваа и во текот на идната година преку донација ќе ги надополнува диспанзерите со хигиенски влошки од својата трговска марка „Јесса“. Проектот на ДМ ДРОГЕРИЕ МАРКТ е во вредност од 1,5 милиони денари за оваа и 2,5 милиони денари за идната година.

Преку платформата за пријавување и спроведување општествено одговорни активности „Заедно едни за други“ компанијата во иднина ќе финансира и други проекти за подобрување на менсструалното и репродуктивното здравје кај жената.

-Од пријавените проекти ДМ со инвестиција на повеќе од 3 милиони денари ќе реализира шест од нив. Меѓу кои, реализација на превентивни гинеколошки прегледи за жени од социјално-ранливи групи и за жени од рурални средини, едукативни работнилници на тема „Менструално здравје“ во основните училишта, подигнување на свесноста кај жените Ромки, како и самоподдршка за жените во менопауза, вели Кристина Дуранска, Менаџер за маркетинг и комуникации во ДМ Дрогерие Маркт.

Намалувањето на менструалната сиромаштија е една од целите и на Обединетите нации. Од Универзитетите сметаат дека со ваков проект ќе се подобри и репродуктивното здравје и менструалната хигиена кај студентките.

-Ова ќе овозможи не само подигнување на свеста на универзитетко ниво во високообразовната институција, односно во заедницата во која што сме, намалување на табу-темите, оние стигнми и непријатности помеѓу женскиот, менструален циклус, коешто е природна појава и едноставно, надминување на овие непријатности во насока на остварување на еднаков пристап на можности до сите, вели Ана Никодиновска Крстевска - проректор за меѓународна соработка при УГД.

Идејата за проектот доаѓа од меѓународно истражување кое го спровела компанијата ДМ ДРОГЕРИЕ МАРКТ. Според податоците од него, 60 отсто од жените во регионот гледаат на менструацијата како тешка тема. Секоја трета девојка не била воопшто информирана за првиот ментруален циклус и барем еднаш не можела да ги купи потребните производи. Секоја девојка месечно троши по 400 денари за нив, а голем дел поради неможност да си ги приуштат одат на импровизација и користење крпи наместо влошки.