Македонија
19. October 2022 - 13:19

Мицкоски: Ќе почекаме како ќе се одвиваат работите во Владата, па потоа ќе разговараме за вклучување во ЕУ процесот

ВМРО-ДПМНЕ ќе почека да види како ќе се одвиваат работите во Владата, па потоа ќе донесе одлука дали ќе и подаде рака на власта за евроинтеграцискиот процес, изјави денеска лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски, додавајќи дека немаат доверба „во соговорникот од другата страна“ и дека власта доцни три години со своите намери.

– Не гледам сериозен соговорник од другата страна на кој би можел да се потпрам и во кој би можел да имам доверба. Затоа велам да почекам да видиме како ќе се развиваат работите во Владата, па дури потоа да видиме со какви соговорници можеме да соработуваме. Овој соговорник се покажа како соговорник на кој за жал не можеме да се потпреме, рече Мицкоски.

Според него, власта како вообичаено доцни две-три години во своите намери и повторно нешто се нуди за што се нема јасен концепт. Тоа, додаде Мицкоски, е обид за дефокус од одговорноста којашто се бара за министерот за надворешни работи од неговата партија.

– Да почекаме да видиме како таму ќе се одвиваат работите, па дури тогаш ќе можеме да говориме за некакви планови во иднина. Но, она што можам да го заклучам како одговор на ова прашање е дека доцнат и наместо она надмено одбивање кога ние подадовме рака, требаше да размислат дека е потребно ВМРО-ДПМНЕ, затоа што не може да опстанат без ВМРО-ДПМНЕ. И тоа се гледа, без поддршката на ВМРО ДПМНЕ се неуспешни, а вака се уште повеќе не успешни, изјави Мицкоски.

Според него, соработката со ВМРО-ДПМНЕ требало да биде понудена пред да бидат потпишани, како што ги нарече, „овие капитулантски договори“.

– Јас повикував да направиме пет тима да седнеме да направиме стратегија и врз основа на таа стратегија понатаму да делуваме. Ние, гледате еден од тимовите е веќе ефективен, овој којшто помага во економијата и во енергетиката и покрај тоа што тие тогаш надмено одбија, неодговорно и незрело би рекол, рече Мицкоски, кој обвини дека власта дозволила прекршување на Декларацијата од Парламентот и „почеток на асимилација и бугаризација на македонскиот народ“.