Македонија
6. јуни 2024 - 13:49

Мицкоски: Гаши да се извини на граѓаните на Македонија бидејќи од тука зема плата

Идниот мандатар и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски прашан како ја коментира изјавата на новиот собраниски спикер Африм Гаши, кој во својата изјава вели дека неговата татковина е Косово, денеска одговори дека ја нема слушнато изјавата, но рече дека од Гаши лично чул дека нивна заедничка татковина е Македонија. Сепак, како што рече Мицкоски, доколку имало таква изјава, тогаш Гаши треба да се извини.

„Мислам дека неговата татковина е Македонија и од она што сум го разговарал, сум слушнал лично од Гаши, дека наша заедничка татковина е нашата заедничка Македонија. Но, ако има таква изјава, тогаш треба да им се извини на граѓаните и тоа треба што побргу да го направи бидејќи од тука зема плата. И од страна на Македонците, Албанците, Турците, Бошњаците, Србите, Ромите, Власите е избран за претседател на Собранието“, потенцира Мицкоски.