Балкан
4. January 2018 - 19:31

Мектиќ: Повторно активирана маршрутата на мигрантите преку Западен Балкан

- Босанскиот министер за безбедност Драган Мектиќ денеска предупреди дека маршрутата на мигрантите преку Западен Балкан повторно е активирана и значително се зголемува бројот на нелегални мигранти кои се обидуваат преку регионот да стигнат до западниот дел на Европа.

- Приливот на се поголем број мигранти е проблем за земјите од регионот и треба нешто да преземеме, истакна Мектиќ на прес-конференција во Сараево.

Тој посочи дека има основа за сериозна загриженост во врска со таа состојба и дека клучниот проблем е пропустливоста на границата меѓу Албанија и Црна Гора, за која смета дека треба да биде затворена што поскоро.

- Решението треба да се бара на границата меѓу Албанија и Црна Гора, или Албанија и Грција, бидејќи кога мигрантите ќе влезат на територијата на Западен Балкан, тоа станува сериозен проблем, рече Мектиќ.

Според него, постојат цврсти докази за организирани криминални групи кои ги пренесуваат илегалните мигранти преку босанска територија, а полицијата и судските власти преземаат одлучувачки мерки за разбивање на овие канали и казнување на трговците со луѓе.

Кон крајот на 2017 година босанската гранична полиција соопшти дека во текот на минатата година е регистрирано драматично зголемување на бројот на мигранти, чии обиди за нелегално преминување низ целата земја се спречени.